Девојките како инспирација
Има само 18 години, а сепак е најжешката ѕвезда во Македонија во моментов. Колку се девојките залудени по него, се чини дека тоа ќе биде уште долго време. А и девојките конечно си најдоа миленик на кого би му поклониле се, вклучувајќи го и срцето.
Кога пред некое време на другарките им кажав дека имам договорено интервју со ТОШЕ ПРОЕСКИ, мислам дека ќе се испотепаа која од нив да дојде со мене, иако се постари од него по неколку години.
Роден е во јануари 1981 година, значи во хороскоп е Водолија, а во подзнак е Скорпија. За два месеца ќе го заврши своето средно образование во средното музичко училиште во Битола и размислува за упис на Музичката Академија во Скопје. Но, не се сеќава на некои посебно интересни случки од основното или средно училиште.
"Сигурно е дека сме правеле некои глупости во тие години. Би сакал да се вратат.", вели Тоше.
Музиката му е главна преокупација во животот. "Мислам дека преку музиката најдобро можам да ги искажам своите чувства.", вели тој.
Сака со музиката да постигне нешто во неговиот живот, да биде некој и нешто. Дури и денеска по само три песни Тоше е големо име на македонската забавна музичка сцена, а со темпото со кое работи, настапува и пленува женски срца, се чини дека тука и ќе остане, на самиот врв.
Постојано патува. Најчесто се движи на релација Крушево - Битола - Скопје.
"Ми се допаѓа Скопје, ноќниот живот тука. Најискрено, би сакал да останам да живеам тука, но времето ќе покаже.", вели Тоше.
Иако навечер многу не излегува, сепак низ Скопје прошетал на многу места и видел колку е убаво. Најчесто излегува во Ладу Блуе 2 и Мо Јазз, но многу му е жал што местото е сега затворено.
Крушево е познато како место со прекрасни скијачки терени. Зошто тогаш Тоше не се занимава и професионално со скијање?
"Иако скијањето ми е хоби, сепак немам многу време. На музиката и обрнувам повеќе внимание отколку на скијањето. Како што велат на две столици не се седи, а јас решив да седнам на музиката.", се смешка задовлно Тоше. "Дури и да треба да одберам нешто друго во животот, сепак би одбрал да бидам пеач."
Постојано насмеан, подготвен да подели неколку автограми (моите другарки се среќни што земав по еден и за нив), да поразговара со луѓето околу него, Тоше скромно вели дека не е свесен колку е популарен.
"Се уште не можам да се свестам, затоа што се се случи многу на брзина.", вели тој.
Вели дека не е вљубен, но дека девојките ќе откријат многу работи за него преку песните кои ги пее, какви девојки сака, што сака и колку знае да сака воопшто. Искрено речено, само меѓу нас, никој не може да отпее така емотивно и прекрасно, ако не знае да сака.
Ако даде оглас во весник за тоа каква девојка бара, што би пишувало во него?
"Да не правам исклучоци во врска со огласот, ги обожавам сите девојки со добар карактер.", вели Тоше. "Тие се секаде исти. Нема потреба да правам некои исклучоци. Не планирам да направам некоја класификација, па ако речам дека сакам русокоси да ми се налутат другите или обратно. Јас ги сакам сите."
Нема девојка и вели дека е во потрага по онаа вистинската. Значи, сепак, Тоше може да даде оглас во кој ќе ја бара вистинската девојка.
Неговите песни до сега ги пишувал Огнен Неделковски, па затоа ниту една песна не и е посветена на некоја девојка посебно. Но тоа ќе се измени.
"Кога ќе почнам јас да пишувам, се разбира дека текстовите ќе бидат посветени. Сигурно е дека девојките ќе ми послужат како инспирација за некоја песна.", вели Тоше Проевски.
Верува во љубов на прв поглед. Еднаш му се случило да се вљуби на прв поглед, но како што вели самиот, траело кратко. До сега полно пати му пришле девојки и му изјавиле љубов.
"Тоа ми се случува не само мене, туку и на некои мои колеги. Не е лошо тоа. Некои велат пак дека нема смисла девојка така да ти се додворува. Но, не можам да ти опишам како се чувствувам тогаш, затоа што не знам ни јас.", вели тој.
Други, пак му се јавуваат по телефон. Со сите нив разговара, но вели дека не може да одвои многу време заради големиот број обврски кои ги има и се надева дека девојките нема да му замерат поради тоа. Најчесто го прашуваат кога е роден, што е во хороскоп, некои такви работи...
Што би порачал Тоше Проески за крај на читателите на ТАА?
"Читајте ТАА, затоа што е моментално најдоброто списание во Македонија. Го обожавам. Имам многу другарки кои го читаат и кои ми го читаат и мене и знам што пишува внатре.", вели Тоше Проески, љубимецот на многу девојки во Македонија.
Менувам мобилни ко чорапи
Како да се дефинира поимот “посакуван”? Само со два збора - Тоше Проески. А колку е всушност посакуван Тоше Проески? Ниту една девојка не би имала против да го има покрај себе, а ниту една мајка не би посакала подобар и позгоден зет од него. Ама Тоше се чини сéуште не ја нашол љубовта на својот живот. И бара и бара и бара...
Во последнава година настапи во три различни држави. И одеднаш од миленик на македонските тинејџерки се претвори во миленик на женската популација на три различни континенти. Вели дека е тоа донекаде точно.
“Еве и тука во Македонија почнавме пополека, но кругот на женски обожаватели постепено се ширеше, се ширеше... Мислам дека е тоа најмногу заради пеењето, но и тоа што уживам додека пеам.”, вели Тоше.
“Шармот!”, се надоврзува неговиот добар пријател Иле.
“Да и шармот. Браво!”, потврдува Тоше.
И веќе не е колекционер на женски срца само кај нас. Многу срца скрши и во Австралија, Украина, Црна Гора, секаде каде што настапуваше. Вели, скршил околу седумдесетина срца ... “ги начекав, им ги скршив срцата и се вратив. После кога си дојдов дома ги спојував.”
Па раскажува за впечатоците од гостувањата:
“Во Австралија беше прекрасно. Лошо беше тоа што многу патувавме и тоа многу нé измори. Не можевме да се прилагодиме на времето, заради саатите со кои сме напред - назад некако. Дури се соземавме мораше да се вратиме. Сепак го видов најбитното, “Опера Хоусе”, она што ми требаше да го видам. А таму има доста дистрибутери на македонска музика таму, но и многу луѓе кои купиле од цедињата и кои ги научиле песните и пееа со мене. И изгледа си во право дека јас бев единствениот кој добиваше ружи.”, вели тој па продолжува: “А што се однесува до девојките таму, 10:1 во полза на нашите. Украинките, Русинките и Црногорките се добри, а Австралијанките се некоја чудна раса, надвор од конкуренција.”
Посебно му бил драг настапот во Црна Гора, затоа што вели кога запеал, толку бил прифатен од публиката, што почувствувал дека пее тука во Македонија. Токму поради тоа решен е неговата кариера да земе еден нов замав, да тргне во нов правец и да почне да ја гради и таму, да пее и да биде прифатен пред сé. А дека работите течат онака како што сака Тошка, покажува и фактот што неговите спотови снимени овде, како и снимката од настапот на “Сунчане скале” се вртат и неколкупати дневно на ТВ Пинк, најголемата музичка телевизија во соседна Југославија.
Па како тогаш неговата девојка реагира на обожавателките кои буквално го напаѓаат, сакаат да се сликаат, бараат автограми и кубат коси по него?
“Које девојка? Немам девојка моментално. Стварно немам. Се лажеш ако мислиш дека имам девојка!”, категоричен е Тоше.
Сепак не е мал број на девојките кои, кога ќе му дадат ливче со телефонскиот број, потајно се надеваат дека Тоше ќе им се јави.
“Не беше така порано, девојките не ми оставаа телефони. Можеби затоа што не бев познат. Од тука произлегува и тоа што ти го кажав, дека причината поради која ме сакаат е во пеењето.”
Многу ме интересираше колку често ги менува мобилните.
“Ау, многу често, како чорапи, со заслуга на другар ми Иле.”, вели Тошка и започнува да ја раскажува приказната за мобилниот, нуркањето и скарата. Дури и да ти се чини дека овие три работи не се поврзани и немаат никаква смисла, сепак приказната е вистинита.
“Сега ќе правиме реклама на СИЕМЕНС М35. Се случи катастрофа кога го земавме СИЕМЕНС-от. Иле, донесе два такви телефона, еден за него и еден за мене. Ние сакавме да провериме дали навистина се водоотпорни. Тие би требало да се водоотпорни, ама онака ако малку се испрскаат. А ние го ставивме телефонот во чаша со вода и по извесно време почнаа да излегуваат меурчиња од чашата. Па го отворивме, ама не можевме никако да најдеме фен да го исушиме. Кога вечерта отидовме во ресторан, земавме маша од куварот и го ставивме телефонот на скарата, да се исуши од пареата и топлото. Така да, имавме еден бурен и напорен ден со телефоните!”, вели Тоше и ниту тој, ниту некој од присутните не можеше да се изнасмее кога раскажуваше за нивната незгода.
Вели има огромен круг на пријатели и оние од порано, но стекнал и многу нови. Дури признава дека има една девојка која на него гледа само како на пријател и за која верува дека тоа ќе му остане до крајот на животот. А и колешките од факултет, вели го гледаат само како пријател.
“Со пријателите се дружам онолку колку што ми дозволува времето.”, вели со жалење. Никогаш не му се случило да заплаче заради некоја љубов.
“Не ми се случило, ниту заради љубов, ни заради физичка болка, ни вака. Тоше не плаче, никогаш. Тоше е со јако срце.”, вели.
А солзите кои прават златен прстен се само за во песните.
Опсесија му е Мерцедес, а има и песна на која “одлепува тотално”. Тоа е Спениш Гитар од Тони Брекстон и вели дека се губи тотално кога ќе ја чуе. Има и една мала маана. Секогаш кога патува со авион, а во последно време тоа е често, прашува Над кој град сме?
“Ова си го добила како информација од Иле, сигурно.”, вели и се смее. “Кога летавме за Црна Гора, прашав една од девојките во авионот над кој град сме, а таа не знаеше да ми одговори. Не смее да се случи стјуардеса да не знае да ти одговори на такво прашање, а долго време да патува на истата релација. Тоа е катастрофа. Кога летавме за Австралија имаше екран на кој е нацртана картата на светот и се одбележува маршрутата по кој летаме. А и сами те известуваат над кој град си.”
Вели, кога ја пуштил брадичката многумина му рекле дека е а-ла Петар Грашо или Жељко Јоксимовиќ, па затоа ја избричил, затоа што не сакал да биде спореден со некој друг, да биде а-ла.
И се разбира, Тоше мораше да одговори и на неколку “филозофски” прашања.
Која е суштината на животот?
Да се сака, да имаш некој што те сака, да си сигурен дека те сака и дека е само со тебе.
Колку си чувствителен?
Доста. Со оглед на тоа како ги пеам песните има нешто што ме прави да сум чувствителен.
Која ти е ѕвезда водилка во животот? Што е она што те тера да одиш напред?
Самодовербата и подршката од моите дома.
Што ти значи дождот во животот?
Бериќет. Уште на почетокот на кариерата, а и во последно време само врне. Не знам што ќе правам со толкав бериќет. Ако, нека има.
И за крај, реши да си каже нешто што му лежи на душа, што му пречи и што не го кажал до сега.
“Токму денес сум испровоциран од една работа. Тоа е патот на Плетвар. Нека се најде, ве молам, некој да го направи патот или барем уште една лента, нека го поправи малку, затоа што ги искршивме колите. Ова е еден апел до Македонија пат. Како што може да се прави патот до Тетово, Гостивар и преку Стража... Најпрометниот пат во моментов, Плетвар, има по една лента од двете страни и токму тие се катастрофални. Да му е страв на човек да тргне на пат. Ни телефон мобилен фаќа како што треба, ни мрежа има, ни ништо. Таму се случуваат и најмногу сообраќајки. Па нека се најде некое чаре. Е стварно ова ми лежеше на срце, морав да го кажам.”, вели Тоше за крај и додава дека ако се потпишува петиција, ќе биде првиот кој ќе го стави својот потпис таму.
Затишје пред бура
За него воопшто не треба да се пишува вовед. Нема некој кој не го знае, ниту пак некој што не го сака (освен злобниците, а такви има малку). Секој може да му позавиди на успехот, шармот, убавината и пред се на гласот. А ги поседува во изобилство сите четири работи, тие се дел од неговата прекрасна личност. И што да се каже друго за почеток, освен можеби дека ова беше прво интервју кое Тоше Проески го даваше во автомобил, на другар му -----, затоа што неговот толку познато Пежо 206 сега има нов сопственик.
Годинава која полека изминува беше дефинитивно негова година. Како и онаа претходно. И онаа пред неа. Дека и 2002 ќе помине во негов знак, не се сомневам. За само неколку месеци успеа 5 пати да ја напони универзалната сала, да се претстави пред белградската публика и да одлета до Австралија, каде што пееше заедно со неколку наши познати музички имиња. Но, мора да постои барем еден концерт кој му е посебно драг.
“Тој во Белград, затоа што не очекував да бидам така примен од белграѓаните. Стварно беше прекрасно. Немам зборови да ја опишам ни атмосферата ни околностите под кои се случуваше тоа”, вели Тоше. “Имавме само ситен технички проблем со гитарата на Харе, не беше исправна од половина концерт па натаму. Ако на некого концертот му звучи некако неубаво, единствената причина е гитарата на Харе”.
По една година Тоше повторно беше во Австралија. Лани се пожали дека не му се допаднале тамошните девојки. А оваа?
“Навистина нема убави девојки. Тие се некоја чудна нација. Едноставно не видов убава двојка”, вели тој.
Единственото нешто што се сменило за една година на најмалиот континент е што кенгурчињата што биле мали минатата година, сега се потпораснати. За разлика од лани, Тоше сега чувствува дека публиката повеќе го сака, што многу го радува. Стекнал многу повеќе пријатели во однос на минатата година, се запознал со многу битни луѓе, стапил во контакт со продуцент од австралиска продуцентска куќа. Но, за жал организацијата била на многу послабо (што би рекол Тоше чкрипаво) ниво, споредено со лани.
“Сепак, успеавме целото време додека бевме таму, тие 14 дена да се забавуваме. Видовме доста знаменитости кои не ги видовме пред една година”, вели задоволно.
Во моментов е на заслужен одмор и не работи на ништо ново.
“Не сакам да го запоставам факулетов. Тоа ми е главна преокупација. Мора да го завршам за да еден ден станам голем оперски пеач. Тоа ми е желба. Но, полека ќе почне да се снима и третиот албум. Сите велат дека на третиот албум треба најмногу да се внимава, да биде подобар од претходните два, за да се види дека едноставно се напредува по нагорно ниво”, вели Тоше.
На голема радост на девојките кои го сакаат, Тоше признава дека нема девојка. Но сега истите тие девојки имаат помали шанси да го најдат неговиот телефонски број, да му се јавуваат и да му велат “Тоше, те сакам!”
“Навистина, телефонот ми се смири, не ѕвони толку. Овој број не може да се дознае како останатите. Убаво го скрив, па ми се чини дека малку ќе потрае. Мада, би можел сега да го кажам, ха, ха”, се смее тој.
Деновиве Тоше го доби својот нов автомобил, повторно Пежо, но овој пат малку поголемо - 307.
“Едноставно полека ми се остваруваат соништата. Тоа ми беше огромна желба по 206-ката. Господ гледа и ми ги исполнува желбите”, вели. “Како возач сум примерен. Не возам брзо, ама не возам ни споро. Почитувам правила, давам предност. Си го сакам мојот нов автомобил.”
Последниве неколку години Тоше живее сам.
“Живеам со тројца цимери. Живеам сам уште од 15 годишна возраст, во Битола. Сега ми е полесно. Се навикнав да си го водам животот сам. Одвоен сум од моите веќе 5 години. Мора да признаам дека во почетокот ми беше многу тешкo, па преку неделата морав да си одам дома. Секоја среда си одев во Крушево, затоа што не можев да дишам без нив. Така бев воспитан и навикнат. Но, годините си го прават своето. И карактерот ми е формиран и личноста. Друго се 15, друго се 20 години.”
Човек не може да го види во кујната, скоро никогаш. Вели нема време ниту за готвење, ниту за миење садови. И тој и неговите цимери се премногу зафатени, па цело време се на брза храна, а кога ќе им се смачи, одат и јадат во ресторани. Значи, човек не може да го види Тоше на пазар како шета со кеси, затоа што не пазари.
Од дома не излегува без телефонот. Вели тој му е неопходен и не може да го замисли животот без него.
Спортува. Активно тренира кик-бокс веќе 11 години.
“Едно време паралелно тренирав и одбојка, со еден од моите цимери во Крушево. Но, од тоа се откажав затоа што тренинзите беа исклучиво во Крушево. Кик-боксот го тренирам активно уште од 12-13 години, па затоа немав пречка потоа да продолжам со тренинг и во Битолка кај професорот Златко Неделковски”, вели.
Што му е страст во животот?
Вели, возењето. Ужива додека вози.
Поседува и огромна колекција на плишани мечиња.
“Почнав да ги селам во Скопје, затоа што во Крушево веќе немам место. Сите ми се омилени, затоа што се од публиката. Ниту едно не е дадено на некој специјален начин. Сите ги имам добиено на концерт и подарени ми се од срце. На нив има огромен број на натписи, а уште поголем број на телефонски броеви. Имам прекрасна колекција”, раскажува Тоше. “И да, сум се јавил на некои од тие броеви”, признава.
Каде и да се појави, секаде е во центарот на вниманието. Во моментов, сепак смета дека не привлекува толку внимание, затоа што не работи ништо, нема настапи, ниту пак некој нов спот. Овој период се надева дека е затишје пред бура. А бурата ќе биде третиот албум.
Со неговото темпо на живот неопходно му е да се релаксира.
“Обично се одмарам во Крушево. А кога ќе ми се смачи од луѓе, од контакти, влегувам во кола и се издувувам некаде надвор од градот, возам, онака сам, со пуштена музика. Многу ми е убаво тогаш. Во Крушево, пак ми е најубаво во зима”, вели тој.
Уште вели дека до сега не се случило неговите пријатели да ја користат неговата популарност за да си фатат девојка.
“Моите пријатели, особено цимерите, имаат долги врски, девојки со кои се уште пред јас да станам популарен”, вели.
Неговата порака овој пат не е да се поправи патот на Плетвар.
“Искрено да ти кажам, изгледа некој ме послуша и сега Плетвар го прават со 3 ленти. Ете, и таа желба ми се оствари. Што би порачал? Сите да се сакаат, да си ја зачуваме Македонија, да не реагираме непромислено и да ни се врати мирот, да може да се пее. Проески Тодор е моментално закочен и не може ништо да работи заради актуелната ситуација во Македонија. Мислам дека нема смисла некој да гине, а некој да пее”, вели Тошка.